Општина Виница се наоѓа во подножјето на планината Плачковица, заземајќи го југо-источниот дел од Виничко-кочанската котлина. Општина Виница зафаќа површина од 432 km2. Покрај градот Виница општината ја сочинуваат уште 16 населени места: Блатец, Истибања, Јакимово, Лески, Градец, Липец, Лаки, Драгобраште, Пекљани, Трсино, Трстија, Крушево, Калиманци, Грљани, Виничка Кршла и Црн Kамен.
Општината Виница има речиси 20.000 жители. Нешто помалку од 3/4 од нив живеат во центарот на општината - градот Виница, додека од другите населени места побројни се Блатец, Истибања, Градец, Јакимово, Трсино, Драгобраште, Лески,...
Низ Виничка општина течат реките Брегалница, Осојница, Виничка река, Градечка река и др. На реката Брегалница се наоѓа акумулационата брана Калиманци, од која се наводнуваат полињата во Виничко-кочанската котлина.

Во непосредна близина на Виница се наоѓа археолошкиот локалитет Виничко Кале. Овде се пронајдени археолошки материјали од различни временски периоди. Но најпозната е колекцијата од теракотни икони. Оваа колекција содржи 49 примероци и се претпоставува дека иконите датираат од 5-6 век! [повеќе]

Една од најважните стопански гранки во Општина Виница е земјоделството. Од индустријата пак најзастапена е текстилната. Фирми кои се занимаваат со текстил се: Виничанка, Винка, Трико и некои други. Со производство и продажба на мебел се занимаваат Мебел-ви, ТРЕСКА - Мебел трејд и други. Други поголеми фирми во Општина Виница се РОМЕРО Македонија, СБВ Витро, Партнер, Макпрогрес, Тондах, Бординг, Агро бар, Пек-транс, Хипокс, Симпром, Тим компани итн.
Во Општина Виница има четири основни училишта и едно средно училиште - гимназијата „Ванчо Прке“. Гимназијата и двете основни училишта „Гоце Делчев“ и „Славчо Стојменски“ се наоѓаат во градот Виница, додека во Драгобраште се наоѓа основното училиште „Никола Парапунов“, а во Блатец се наоѓа основното училиште „Кочо Рацин“.

Во Виница се наоѓа и Матичната библиотека „Ванчо Прке“, која е формирана 1946 година. Во библиотеката како културна институција, покрај тоа што можете да добиете и прочитате книга се организираат и различни изложби на книги и други културни активности. Во Општина Виница исто така постои и работи Дом на културата „Тошо Арсов“.
Исто така треба да се споменат и различни ансамбли или музички групи кои постоеле или постојат во Општина Виница, а тоа се: Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, Ансамблот за староградски песни „Распеани Виничани“, пејачката женска група „Јана“ и други.
Носители на спортскиот живот во Виница се фудбалскиот клуб „Слога“ и фудбалсиот клуб „Филип II - Виница“